Воведувањето санкции против Меѓународниот кривичен суд како институција е чекор без преседан кој следува по серијата мерки насочени против тринаесет независни судии и обвинители кои ѝ служат на каузата на правдата, соопшти денеска МКС.

Судот нагласи дека „мерката е насочена кон независна правосудна институција, создадена со договор и на која 125 држави-членки и довериле да ги истражува и гони геноцидот, злосторствата против човечноста, воените злосторства и злосторството на агресија“.

„Тоа е обид да се попречи текот на правдата и да се спречи Судот да го прави она за што е создаден. Тоа е напад врз владеењето на правото и врз самите темели на меѓународниот правен поредок кој удира врз едноставниот принцип – дека никој не е над законот“, наведе МКС.

Мерката е насочена кон нарушување на операциите на Судот и застрашување на оние кои работат за или соработуваат со Судот. Судот, од своја страна, нема да биде одвратен, се додава во соопштението.

– „Судот ќе продолжи целосно да го исполнува својот мандат, независно и непристрасно, делувајќи само врз основа на законот и доказите, за доброто на бројните жртви на тешки злосторства – изјави претседателката на МКС, Томоко Акане.

Сепак, Судот нагласува дека „не може да стои сам“. Неговата судбина сега лежи и во рацете на државите што го создадоа. Римскиот статут е колективно ветување дека најсериозните злосторства што ја засегаат меѓународната заедница како целина не смеат да останат неказнети. Тоа ветување е силно толку колку што е силна одлучноста на оние кои го дале.

„Можеби ќе има предизвици. Но, заедно со своите држави-членки, Судот вложи значителни напори за да обезбеди континуитет и отпорност на своите активности. Судот ги повикува државите да продолжат да преземаат конкретни акции, вклучително и да обезбедат Судот и понатаму да ги има потребните средства за продолжување на својата работа. Ова не е само за одбрана на една институција, туку за зачувување на меѓународниот поредок заснован врз владеењето на правото“ истакнува МКС.

Судот нагласува дека никој не треба да биде казнет за служење на каузата на правдата.

„Историјата ќе суди за овој момент. Идните генерации, и пред сè жртвите на масовните ѕверства, ќе прашаат како одговоривме кога институцијата создадена да ги заштити се најде под напад. Тие ќе прашаат дали Судот остана цврст и дали меѓународната заедница ги одбрани принципите што ги прогласи или дозволи тие да бидат напуштени под притисок“ се заклучува во реакцијата на МКС.

Exit mobile version