Медведев: Русија се турка во трета светска војна

 

Русија се турка во трета светска војна, предупреди заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.

Во објавата на „Телеграм“ тој реагира на најавите дека Лондон би можел да префрли свои инструктори да ги обучуваат силите на Киев на територијата на Украина, како и на идеите од Берлин за испорака на ракети „Таурус“.

„Таквите без мозоци нè туркаат во трета светска војна“, напиша тој.

Британски „Телеграф“ објави, повикувајќи се на министерот за одбрана, Грант Шапс, дека Министерството за одбрана има намера првпат да распореди свои сили во Украина во согласност со плановите што ги разгледува воената команда, потсетуваат медиумите.

Во врска со ова, Медведев рече дека британските инструктори во Украина ќе бидат легитимна цел на руската армија и дека руските сили безмилосно ќе ги уништат не како платеници, туку како експерти на НАТО.

„Се зголемува бројот на идиоти менаџери во структурите на НАТО. Новопечениот британски министер за одбрана одлучи да ги пренесе курсевите за обука на англиски јазик за украинските војници на самата територија на Украина. Односно, да ги претвори своите инструктори во легитимна цел на нашите вооружени сили, целосно разбирајќи дека безмилосно ќе ги уништи. Во исто време, не како платеници, туку токму како британски експерти на НАТО“, напиша Медведев на „Телеграм“.

Медведев ја коментира и идејата на шефицата на германскиот комитет за одбрана, Мари-Агнес Штрак-Цимерман, да испорача ракети „Таурус“ во Киев со цел режимот на Киев да ја таргетира Русија и со тоа да го отежне снабдувањето на армијата, пренесува „Спутник“.

„Тоа е како во согласност со меѓународното право. Тогаш, во тој случај, ударите врз германските фабрики, каде што се произведуваат тие проектили, ќе бидат целосно во согласност со меѓународното право“, рече тој.

02.10.2023 - 17:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега