Во Старата скопска чаршија од денеска до 26 јули ќе се одржува првото издание на меѓународниот музички фестивал „Чаршија“, кој има за цел да прерасне во нова традиција за Чаир и Скопје.
Фестивалот, кој е под уметничко водство на Инва Мула и Дешира Ахмети, нуди програма со класична музика, опера, фламенко и други жанрови што ги спојуваат традицијата и современата интерпретација.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, на утринската прес-конференција соопшти дека настаните ќе се одржуваат во Сули ан и Куршумли ан.
Говорејќи за значењето на оваа манифестација за општинскиот и градскиот календар, Меџити истакна:
„Чаир го збогатува својот културен календар со уште еден значаен настан. Од денеска до 26 јули ќе се одржува првото издание на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“, иницијатива која имаме за цел да ја претвориме во традиционален годишен настан и да ја развиеме во една од најзначајните културни манифестации во градот. Фестивалот ќе се одржува во Сули ан и Куршумли ан, два од најзначајните монументи на нашето културно наследство, кои во текот на четири вечери ќе бидат домаќини на реномирани домашни и меѓународни уметници.“
Според градоначалникот, изборот на овие културно-историски споменици како сцена за уметниците има посебна симболика за целиот град:
„Старата скопска чаршија отсекогаш била место на средба на култури, луѓе и историја. Токму затоа веруваме дека тоа е вистинското место каде што уметноста може да добие уште позначајна улога во јавниот живот и да создаде природна врска меѓу нашето наследство и современото творештво.“
Меџити исто така нагласи дека вложувањето во културата е од суштинско значење за севкупниот развој на локалната заедница:
„Преку ваквите проекти создаваме можности за уметниците, нудиме квалитетни културни содржини за граѓаните и истовремено придонесуваме за промоција на културниот и историскиот идентитет на Чаир и Скопје. Нашата цел е овој фестивал да се развие во одржлива платформа која од година во година ќе расте во квалитет и содржина, ќе привлекува уметници и посетители од регионот и пошироко, а истовремено ќе ја збогатува културната понуда на Скопје.“
На официјалното претставување на фестивалот присуствуваа и министерот за култура Седат Сулејмани, како и оперските уметници Инва Мула и Дешира Ахмети.


