Во изминатите две години Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презеде конкретни чекори за реформа на јавната администрација, со цел создавање професионален и ефикасен јавен сектор, соопшти денеска пратеникот Емил Спасовски.
Како еден од најважните резултати од овој процес беше посочено усвојувањето на трите системски закони – Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за нивно стручно усовршување.
Со нив, според партијата, се поставува нова законска рамка за поефикасно функционирање на системот насочен кон потребите на граѓаните.
Покрај законските измени, од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека посебно внимание е посветено на подобрување на социјалниот и материјалниот статус на вработените.
Во дијалог со синдикатите е постигнат договор преку колективните договори со кој се обезбедува континуирано зголемување на платите на административците за 40 проценти до 2028 година.
Од владејачката партија подвлекуваат дека ова е показател дека реформите се насочени кон подобрување на условите за работа и мотивирање на кадарот.
Главната определба на Владата, како што посочува Спасовски, е јавната администрација да биде сервис на граѓаните, а не бирократска пречка.
Поради тоа, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат продолжување на реформскиот процес за создавање стабилен и функционален државен систем.


