Политичките процеси што денес се одвиваат во Социјалдемократскиот сојуз не претставуваат изненадување, туку задоцнета потврда дека СДСМ се оддалечи од сопствените вредности, оцени генералниот секретар на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Горан Минчев.
Во интервју за „Слободен печат“, Минчев истакна дека настапите на групата која неодамна излезе со критики кон раководството на СДСМ суштински ги потврдуваат анализите на неговата партија.
Тој посочи дека иако правно-формално Венко Филипче е претседател на СДСМ, според него конците во партијата ги влече некој друг.
„Она што можеме да го согледаме по одржувањето на тој настан и по јавните настапи на неговите учесници е потврда на тезата што ЗНАМ ја кажува веќе пет години – дека СДСМ е окупирана и заробена партија и спроведува погрешни политики. Во овој момент, иако правно формално Венко Филипче со сомнителен легитимитет е претседател, според мене конците ги влече некој друг“, изјави Минчев.
Осврнувајќи се на структурата на новата иницијатива во СДСМ, Минчев направи разлика меѓу оние кои порано биле дел од власта и молчеле и оние кои не биле на функции, но подвлече дека никој од нив не реагирал кога се носеле клучните државни одлуки.
Генералниот секретар на ЗНАМ потсети дека во периодот кога СДСМ ја имаше целосната власт, само две личности јавно се спротивставиле на тогашните политики на раководството.
„Единствен кој реагираше кога СДСМ беше во зенитот на својата моќ, кога ја имаше централната власт и контролираше околу 50 општини, беше Максим Димитриевски, кој после интервјуто на Зоран Заев за бугарската телевизија во која што посочи дека Бугарите и Македонците се ист народ и дека Куманово го ослободиле Бугарите и изјави и други историски небулози, јасно и гласно кажа дека не се согласува со политиките на тогашното раководство. На тогашните ставови на раководството на СДСМ реагираше и, би рекол, таткото или ДНК-то на СДСМ, господинот Бранко Црвенковски, кој го замрзна своето членство“, истакна Минчев.
Во однос на шпекулациите дека Бранко Црвенковски стои зад формирањето или дејствувањето на ЗНАМ, Минчев беше дециден дека таквите тврдења се неточни.
„Можам јасно да кажам дека таткото на СДСМ не стои зад ЗНАМ. Во повеќе наврати сум рекол дека исклучително ги почитувам политичките ставови на господинот Бранко Црвенковски, но за неговите лични политички определби и евентуална поддршка на други иницијативи, тоа е прашање на кое може да одговори само тој“, порача Минчев.
На крајот, тој порача дека случувањата во СДСМ се внатрешно прашање на таа партија, додека Движењето ЗНАМ останува фокусирано на спроведување на своите реформи и програмски одредби.


