Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, информираше дека е потпишан Меморандум за соработка со училиштето „Иднина“, со цел на учениците да им се обезбедат поддршка и соодветни услови во периодот на нивното привремено преместување, до завршувањето на новиот училиштен објект.
Училиштето „Иднина“ се гради од темел, со модерни услови приспособени на потребите на децата со посебни потреби. Во рамки на соработката, Општина Чаир ќе обезбеди бесплатен и безбеден превоз за учениците од Чаир, бесплатно користење на општинскиот базен и спортската сала „Шабан Трстена“, како и заеднички едукативни и спортски активности.
„Привременото преместување не смее да значи помалку можности за децата. До завршувањето на новиот објект и враќањето на учениците во нивното училиште, ќе обезбедиме да ја имаат потребната поддршка, простор и активности за да учат, да се развиваат и да бидат активен дел од општеството. Еднаквите можности треба да важат за секое дете, а преку овој Меморандум оваа заложба ја претвораме во конкретна поддршка“, изјави Меџити.
Меморандумот има за цел во периодот на привременото преместување на учениците да им се обезбеди континуитет во активностите кои придонесуваат за нивниот развој, вклученост и благосостојба, сè до нивното враќање во новиот објект на училиштето „Иднина“.

