Вистинска драма се случувала денеска во РЕК Битола, каде дури 81 вработен побарале итна лекарска помош во Клиничката болница во Битола поради симптоми на труење со храна. Сите пациенти пријавиле слични стомачни тегоби по консумирање на оброк во фабричката кујна.
Специјалистот инфектолог, д-р Хараламбос Сидиропулос, потврди дека на сите лица им е укажана помош, а најголем дел се пуштени на домашно лекување со лесна клиничка слика.
„Во нашето одделение се јавија 81 лице со стомачни проблеми, повраќање и температура. Сите се со иста клиничка слика и како причина наведоа конзумирање на храна лазањи со сос во кујната на РЕК Битола“, изјави Сидиропулос за медиумите.
Според информациите од болницата, на одредени лица им била дадена инфузија, додека едно лице поради тежината на состојбата е задржано на Интерното одделение за понатамошна терапија. Надлежните институции веќе се на терен и вршат детални анализи на храната за да се утврди точниот извор на заразата.

