Маричиќ од Париз: Потребни се силно лидерство и политичка одлука од Европа за Западен Балкан

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес учествува на регионалниот настан во рамки на иницијативата „Балкански дијалози“ во организација на францускиот Сенат, на која потенцираше дека сега е вистински момент Европа да го направи потребниот чекор за зачувување на вредностите кои се темел на Унијата.

-Војната во Украина е последен повик за Европската Унија и нејзината политика за проширување со земјите од регионот, а за тоа е потребно силно лидерство и политичка одлука, која нема да се бирократизира, рече вицепремиерот на регионалната иницијатива, чиj домаќин е францускиот Сенат.

Вицепремиерот пред присутните истакна дека оваа година е клучна за дефинирањето на политиката за проширување, од која регионот очекува придвижување на процесот на евроинтеграции и потврдување на неговата европска иднина.

- Ако Унијата не одговори на овој повик и Северна Македонија и Албанија не добијат датум за почеток на преговорите, тогаш цел Западен Балкан се остава на страна, без јасна перспектива и со можност за други надворешни влијанија, посочи Маричиќ.

Според Маричиќ тоа не е во интерес на проевропските влади, како нашата, туку тоа е во полза на оние кои го негуваат рускиот наратив дека ЕУ е неуспешна приказна и истакна дека одолговлекувањето и одложувањето на одлуките не дадоа ништо позитивно и дека веќе неодложно е обединувањето на Западен Балкан со ЕУ.

-Верувам дека Европа ќе ја покаже нејзината најголема сила, а тоа е нејзиното единство, и ќе докаже зошто е глобален лидер, со пресврт во евроинтеграцискиот процес, кој веќе е неодложен, истакна вицепремиерот Маричиќ.​

09.05.2022 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега