Градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, на прес-конференција изнесе отчет за реализираните проекти во изминатите 12 месеци од неговиот втор мандат, посочувајќи ги инвестициите во комуналната мрежа, образованието и патната инфраструктура.

Како еден од поголемите проекти, Манчев ја истакна изградбата на фекалната канализација во Моноспитово, инвестиција вредна околу два милиони евра која е во напредна фаза, а ја најави и изградбата на дел од фекалната канализација во Радово во соработка со Македонски Каритас.

Во делот на водоснабдувањето, во тек е изградба на водовод во Иловица и Штука во вредност од околу 800.000 евра, а потпишан е и договор за замена на филтрите на филтер-станицата во Иловица, проект вреден 70.000 евра.

На полето на образованието и детската заштита, при крај е реновирањето на основното училиште во Еднокуќево, вредно 15 милиони денари, а потпишани се договори за адаптација на објекти во детски градинки во Радово и Иловица.

Во изминатиот едногодишен период се асфалтирани локалните патишта Турново–Бориево и Радово–Турново, како и 12 улици во повеќе населени места, додека до крајот на годината е предвидено асфалтирање на уште осум улици.

Со цел зголемување на енергетската ефикасност, на Домот на културата во Секирник се поставени фотоволтаици од 40 KW, што е петти таков општински објект, а преку донации и проекти од УНДП обезбедени се камион за отпад, канти за селекција, како и ровокопач за чистење одводни канали.

Во делот на безбедноста и превенцијата, заштитата од поплави опфати чистење на реката Струмица меѓу Секирник и Зубово и изградба на привремен премин за земјоделците, а набавени се и термални камери за рано откривање пожари.

Манчев истакна дека Општина Босилово издвоила околу 8 милиони денари за изработка на урбанистичка и проектна документација за идни инвестиции, нагласувајќи дека општината од претходно задолжена состојба сега функционира без долгови.

„Општина Босилово се гради, Општина Босилово ќе продолжи да се гради!“, истакна градоначалникот Манчев на крајот од своето обраќање.

Exit mobile version