Правосудството, иако веќе има едни од највисоките плати во регионот и Европа, бара двојно зголемување на примањата со кое ќе го надмине целиот континент, истакна Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.

Манасиевски посочи дека правосудните органи, судиите и обвинителите, работат со едвај 2% доверба од граѓаните, а притоа бараат „двојно зголемување“ на платите, наместо да работат во интерес на правдата.

ВМРО-ДПМНЕ излезе со конкретни бројки за тековните примања:

  • Судии и Обвинители: Добиваат од 2,3 до 3,2 просечни плати, што е нешто над 100.000 денари до над 144.000 денари (1.700 до 2.360 евра).
  • Претседател на суд: Земе околу 180.000 денари (околу 3.000 евра).

„Нашите соседи од Србија земаат 2,3 просечни плати, или во превод близу 120.000 денари, или околу 2.000 евра, но со 20% доверба од граѓаните. Исто така, со 20% доверба во судството се и граѓаните на Хрватска, земја членка на ЕУ, таму нивните правосудни органи земаат близу нашите претседатели на судови, односно 3350 евра. Словенија, земја со 41% на доверба во судството, платите на судиите се движат од почеток на кариерата од 107.000 денари или околу 1740 евра, додека пак на крајот на кариерата или на врвот на кариерата, достигнуваат до нешто над 4000 евра. Секако, да не ја заборавиме и една од најразвиените држави, Германија, каде што судиите земаат околу 3300 евра плата или околу 200.000 денари, со притоа доверба од 58% од граѓаните“, рече Манасиевски.

Според Манасиевски, со последните барања на судиите и обвинителите:

  • Еден судија би земал околу 160.000 денари (околу 3,5 просечни плати).
  • Претседател на суд би земал 360.000 денари, што е околу 8 просечни плати.

Тој предупреди дека овие барања ќе ги стават македонските правосудни функционери над сите примања што ги добиваат судиите во Европа.

„Повикуваме на разумност и работа од страна на правосудните органи“, заклучи Манасиевски.

Exit mobile version