Врските помеѓу лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и поранешниот српски претседател Александар Вучиќ не можат да се избришат со ниту една прес-конференција, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на вонредна прес-конференција.
Реагирајќи на претходните изјави на опозицискиот лидер, Манасиевски посочи дека поранешниот врв на СДСМ одржувал блиски односи со српските власти.
„Венко Филипче си ја ишка мувата од капата. Тој и Зоран Заев му се извинуваа на Вучиќ, правеа пактови со него и се пијанчеа до раните утрински часови. Впрочем, Венко Филипче, Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ имаат ист пејач кој им пее на приватни журки“, рече Манасиевски, покажувајќи видеоматеријали.
Тој додаде дека соработката опфаќала и кадровски решенија.
„Кога Филипче зборува против Вучиќ, на народот му текнува како седеа и пиеја до рани зори, како го пречекуваше на граница, како марихуаната одеше за Србија, како за директор на ЕСМ со Заев ставија човек на Вучиќ, како за ПР шеф во партија го ставија токму неговиот кум Башановиќ и многу други поврзаности за кои допрва ќе се дознава“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски се осврна и на актуелните рејтинзи и изборните резултати на опозицијата, оцени дека СДСМ бега од предвремени избори и му порача на Филипче да си го гледа сопствениот двор.

