Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција изнесе критики за отсуството на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од јавноста по одржувањето на предвремените локални избори во Брвеница.

Манасиевски посочи дека по изборните резултати, во кои, според него, СДСМ забележал пад од 8 проценти во споредба со претходните избори од 2025 година, партискиот лидер се повлекол од медиумскиот простор.

Во своето обраќање, тој упати прашање за локацијата на Филипче по завршувањето на гласањето во оваа општина.

„Дали прославата од Бихаќка, Филипче ја однесе на јахтата на Заев на Егејското море или отиде на рехабилитација во Дубаи?“, изјави Манасиевски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека очекувале обраќање од страна на раководството на опозициската партија по пребројувањето на гласовите.

„По таков огромен успех на изборите во Брвеница, каде што СДС беа декласирани од ВМРО-ДПМНЕ со 4 спрема 1, очекувавме од Филипче да не причести со една прес-конференција и да каже дека победиле на изборите“, истакна Манасиевски.

Тој додаде дека резултатите од Брвеница покажале значително поместување на политичките сили на теренот.

„Шегата на страна, СДС со Филипче слави пораз од 4 спрема 1 на избори. СДС со Филипче слави да биде 4 партија во Македонија, а и под знак прашалник е дали на следните избори ќе бидат и прва опозиција по бројот на пратеници во собранието“, изјави портпаролот.

На крајот од прес-конференцијата, Манасиевски упати порака до претседателот на СДСМ во врска со идните изборни циклуси.

„Сепак, ВМРО-ДПМНЕ му дава огромна поддршка на Венко Филипче, му ги честитаме успесите и посакуваме уште многу вакви успеси какви што имаше во Брвеница“, заклучи Манасиевски.

Exit mobile version