Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа работен состанок со тимот на УНИЦЕФ предводен од Лесли Милер, претставничка на организацијата во државата.

 На состанокот се дискутираше на тема општокорисна работа и превенција на вандализмот кај малолетните лица.

Беа разгледани насоки за склучување меморандум за меѓународна соработка и отпочнување пилот-проект во општинските училишта, со вклучување на учениците, наставниците и родителите, со цел да се изнајдат решенија и спроведат координирани активности за превенција на девијантни појави кај малолетниците.

Експертите на УНИЦЕФ споделија искуства од регионот и светот, нагласувајќи дека проблемите поврзани со децата можат да се надминат само преку обуки, едукација и активно учество на целата заедница.

Се разговараше и за потребата од дополнителна регулација во областа на правата на децата и малолетничката деликвенција, преку подзаконска рамка и унифицирање на постапувањето на сите надлежни институции на државно ниво.

Општина Центар прва ја покрена иницијативата, која потоа ја поддржа и ЗЕЛС, за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа како воспитна мерка за малолетни сторители на вандализам.

„Вандализмот е сериозен проблем што бара итна и координирана реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со одговорност, заедно со нивните родители“, порача градоначалникот Герасимовски.

Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане системска мерка која ќе придонесе за превенција и ресоцијализација.

Дополнително, побарани се измени во Законот за семејство и Законот за извршување санкции, со кои би се вовела и одговорност на родителите преку заедничко учество во општокорисната работа.

Exit mobile version