Оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи велигденски концерт в среда (8 април) од 20 часот, на кој ќе биде изведено монументалното вокално-инструментално дело „Ѕвона“ од Сергеј Рахмањинов.
Диригент на концертот ќе биде Најден Тодоров од Бугарија, а како солисти ќе настапат Катерина Стојановска – сопран, Исмет Вејсели – тенор, Иван Наумовски – баритон/бас, како и хорот „ПроАрс“. На програмата ќе биде и симфониската поема „Прелудии“ од Франц Лист.
„Ѕвона“ е инспирирана од анонимно писмо со поемата на Едгар Алан По, добиено од Рахмањинов во 1907 година, кое рускиот симболист Константин Балмонт ја адаптирал. Делото следи драматургијата на четирите строфи и претставува симболично музичко патување низ човечкиот живот – од младешката радост, преку љубовта и зрелоста, до сенката на староста и смртта.
Во руска духовна традиција, звукот на ѕвоната го следи човекот од раѓање до последниот миг. Со „Ѕвона“, Рахмањинов создава поетска и симболична музичка визија, каде звукот на ѕвоната станува метафора за животот, од почетната радост до тивкото помирување со вечноста, соопшти Филхармонијата.

