Македонија треба да врати 2,2 милиони евра поради злоупотреба на европските фондови
Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година.
Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката.
Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски на прес-конференција соопшти дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но поради предистражната постапка не може да соопшти повеќе детали.
- Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија.
Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2. 276. 212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година, рече Ѓоргиевски.
Кога било добиено известувањето, на крајот на минатата година имале состаноци со МОН, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на ЕУ во Скопје, а седница имала и Владата.
Потоа Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ со цел, како што рече Ѓоргиевски, „да ги дефинира следните чекори и се што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето се финализира“.
Во меѓувреме, Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.
- Од таму не информираа дека до Управата за финансиска полиција е пристигнат извештај од ОЛАФ и дека тој е доставен до надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средства од имот за борба против измами од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура согласно извештајот на ОЛАФ.
Откако сме информирани за случајот, заедно со Владата се обидуваме преку интензивна комуникација и координација со релевантни европски институции да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина, истакна директорот на Агенцијата.
Со оглед дека е во тек предистражна постапка што ја спроведува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, тој замоли за разбирање дека не може да сподели повеќе детали во однос на овој предмет што, рече, е во интерес за севкупната јавност.
Нагласи дека Агенцијата е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.
Ѓоргиевски кажа дека ја предводи Агенцијата со приоритет да се подигне нејзиниот углед и реномето и сите нивни активности и повици се транспарентни и во насока на заштита на ЕУ-фондовите, а меѓу нив и јавна кампања за анонимно пријавување неправилности во имплементација на проектите.
Дека се на добар пат во нивните стремежи, рече, се забележува и од последните ревизорски извештаи на Европската комисија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа