Подобрувањето на економската соработка, новите инвестиции и инфраструктурното поврзување беа меѓу главните теми на средбата меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и новоименуваниот турски амбасадор во земјава, Алпер Акташ.
Од Министерството за транспорт информираат дека соговорниците разговарале за досегашните билатерални односи и можностите за нивно продлабочување, со посебен акцент на трговската размена и транспортната инфраструктура.
На средбата, Николоски ги претставил развојните политики на Владата, како и плановите за подобро инфраструктурно поврзување на земјава со регионот и пошироко.
Тој истакнал дека Македонија има потенцијал да привлече нови странски инвестиции и да се позиционира како важна врска за поврзување со Централна Европа.
Како потврда за економските можности, била посочена и активноста на турските компании кои веќе инвестираат во земјава. Според соговорниците, нивното присуство е показател за добрите односи меѓу двете држави и основа за натамошно проширување на економското партнерство.
Покрај економијата и транспортот, на разговорите било отворено и прашањето за унапредување на туристичката соработка. Николоски и Акташ се согласиле дека постојат можности за зголемување на туристичките посети и зајакнување на врските меѓу граѓаните на двете земји.
Од Министерството за транспорт оценуваат дека ваквите средби се значајни за продлабочување на партнерството со Турција, привлекување нови инвестиции и создавање услови за понатамошен економски развој.

