Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Република Австрија ја официјализираа својата посветеност за справување со природните катастрофи и вонредните предизвици со потпишување Меморандум за соработка. Документот беше свечено потпишан во рамките на посетата на генералниот директор на австриската јавна безбедност и полиција, д-р Франц Руф, на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност. Меморандумот го потпишаа заменик-директорот на ДЗС, м-р Кашмир Салиу, и д-р Франц Руф.
Од ДЗС истакнуваат дека ова претставува чекор напред кон посилни институции и побезбедна иднина, овозможувајќи размена на искуства и експертски знаења во превенцијата, заеднички обуки и вежби за унапредување на оперативните капацитети, како и побрз одговор при кризи.
– Тоа е чекор напред кон посилни институции и побезбедна иднина при што за Македонија тоа значи размена на искуства, заеднички обуки и вежби и побрз одговор при кризи – се наведува во соопштението.
Од институцијата потсетуваат дека Австрија е докажан партнер кој даде огромна поддршка при справувањето со големите пожари во Малешевскиот регион и трагичниот пожар во Кочани, а новиот Меморандум ќе биде основа за долгорочни резултати.

