Пред Регионалниот суд во Салцбург започна судскиот процес против 46-годишен македонски државјанин и неговиот соучесник од Босна и Херцеговина, обвинети дека во 14 наврати прокриумчариле вкупно седум килограми кокаин од Балканот во Австрија.
На првото рочиште одржано во вторникот, двајцата обвинети ги отфрлија главните обвиненија за шверц на наркотици.
Според обвинителниот акт, во периодот меѓу пролетта 2024 и 2026 година, тие во седум наврати пренесувале по половина килограм кокаин, наменет за пазарот во Салцбург.
Првообвинетиот македонски државјанин, кој десет години живее во Австрија но сè уште слабо говори германски јазик, призна поседување и продажба на дрога, но тврди дека количините биле значително помали од оние наведени во обвинителниот акт. При претресот во неговиот дом, полицијата заплени околу 800 грама кокаин.
Судијката ги коментираше неговите јазични познавања забележувајќи дека „барем во притвор ќе има можност да научи германски“.
Второобвинетиот, автомеханичар со потекло од БиХ кој течно говори германски, ги отфрли обвиненијата за шверц и препродажба, тврдејќи дека бил само конзумент.
Покрај обвиненијата за дрога, тој се соочува и со сериозни обвиненија за економски криминал од периодот кога поседувал сопствена автомеханичарска фирма. Обвинителството го товари дека оштетил друга компанија за 400.000 евра преку издавање лажни сметки, како и за злоупотреба на средства со кои префрлил околу 600.000 евра од фирмената сметка за приватни потреби, оштетувајќи ги сопствените доверители.
Неговата одбрана тврди дека обвинетиот ја користел сметката, но не се стекнал со лична корист. Судскиот процес продолжува.


