Странските државјани кои направиле сообраќаен прекршок на македонските патишта наскоро ќе мора да ги платат казните на граничните премини или ќе бидат изведувани пред надлежен суд по брза постапка. Новиот систем прво ќе започне со примена на граничниот премин Табановце, а потоа ќе се прошири на сите останати гранични точки.

Иако камерите од системот „Безбеден град“ досега ги ловија само домашните возачи, од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека софтверското поврзување на границите е во завршна фаза.

„Системот ‘Безбеден град’ деновиве ќе започне со функционирање на граничниот премин Табановце, каде на сите возачи на возила со странски регистарски таблици кои системот ги евидентирал дека сториле прекршок или кривично дело на територија на Република Северна Македонија, ќе им се соопшти дека сториле прекршок, ќе им се издаде Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, по што ќе им се понуди да платат или ќе бидат изведени пред надлежен суд по брза постапка. Овој начин на функционирање наскоро ќе започне да се применува на сите гранични премини“, велат од МВР.

Засега, контролата врз странските возачи на Коридорот 8 и Коридорот 10 ја вршат сообраќајните полицајци и пресретнувачите.

Камерите од овој систем во првите пет месеци од нивното активирање регистрираа над 120.000 прекршоци, од кои дури 95 отсто се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина.

„’Безбеден град’ опфати модернизација на постојниот систем во Скопје, Тетово, Куманово, коридорите 8 и 10 и негово проширување на национално ниво, преку воведување современи технологии за видеонадзор и автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци. Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележано намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година“, рече неодамна ресорниот министер Панче Тошковски.

Exit mobile version