По екстремните топлотни бранови, австрискиот регион Тирол се соочи со поројни дождови и бројни свлечишта. Познатиот метеоролог и климатолог Андреас Јегер посочува дека овие појави не се повремени аномалии, туку нова реалност.

Изминатите месеци беа забележани рекордни температури незапамтени од почетокот на милениумот, при што повеќе од половина од мерните станици во регионот пријавиле историски рекордни горештини, објави 4news.mk.

„Ова е веројатно најладното лето во следните 300 години. Климатските промени не се измама — тоа е чиста физика. Ситуацијата нема да се врати во нормала, туку ќе станува сè поекстремна додека не успееме барем да го забавиме овој тренд“, предупредува Јегер за Тирол ТВ.

Според климатологот, еден од најголемите проблеми е исчезнувањето на снегот, кој со бавното топење традиционално ги обновуваше подземните води.

Тој истакнува дека климата порано била ограничена од студот, додека денес температурата е доволна за раст на растенијата, но недостигот на вода станува главен ограничувачки фактор за земјоделството. Поради тоа, земјоделскиот сектор ќе мора темелно да се трансформира преку целогодишно покривање на почвата и нови техники на одгледување бидејќи досегашниот модел повеќе не е одржлив.

Јегер го отфрла аргументот дека Европа е премала за да влијае врз глобалните емисии на јаглерод диоксид во споредба со САД и Азија. Тој потенцира дека Кина веќе предводи во зелената транзиција, а мерките за заштита на климата директно ја зајакнуваат енергетската независност, отпорноста и локалната економија.

Експертот заклучува дека општеството сè уште го нема достигнато врвот на затоплувањето и дека наместо да се очекува враќање на старото време, ќе мора итно да се променат навиките и да се изврши прилагодување кон новиот климатски контекст.

Exit mobile version