Стојка Иванова Антова, една од мајките кои ја доживејаа најголемата животна трагедија и загубија чедо во пожарот во Пулс, објави емотивно писмо до својата ќерка Ивона Антова, која трагично го загуби животот пред една година.
Денес, ќерко моја… повторно ќе дојдеме кај тебе.
Но овој пат нема да бидеме само ние.
Ќе дојдат и роднини, пријатели, другари, комшии…
Сите што те сакаа, сите што те паметат.
А кажи ми чедо…
зарем таму требаше да се собираме?
Нели се договоривме поинаку?
Прво на твојата дипломска…
па на свадба…
па да се радуваме на твојот живот.
А наместо тоа…
за само неколку минути во тоа проклето диско
ни го скршија животот засекогаш.
Ти отиде на забава…
насмеана, дотерана, среќна…
полна со живот и планови.
А тебе ни те вратија…
во ковчег.
Кажи ми чедо…
како мајка да продолжи да живее после тоа?
Знаеш ли колку ни е тешко, чедо мое?
Секој ден без тебе е се потежок.
Премногу недостасуваш.
Ние веќе не сме ние без тебе.
Како мајка да оди на гробот
на своето единствено дете?
Зарем не требаше да биде обратно?
Ти да ни палиш свеќи нам…
а не ние на тебе.
Ти требаше да живееш.
А ние, ако требаше, да бевме на твоето место…
па ти да ни доаѓаш.
Ти требаше да живееш.
Да се радуваш.
Да создадеш семејство.
Да ја живееш младоста.
А ние…
ако требаше…
ќе го дадевме и животот
само ти да останеше жива.
Денес правиме помен – една година без тебе.
Една година како дишеме, а не живееме.
Ни сама не знам како сум сеуште жива…
како постојам на овој свет без тебе.
Ова не е живот, ова е мачење.
Година во која дишеме…
но не живееме.
Година полна со солзи, празнина и болка
која не може да се опише со зборови.
Ни сама не знам како сеуште постојам на овој свет.
Бидејќи живот без тебе – не е живот.
Од зрно грашок те растевме.
Со љубов, со мака, со жртви.
Колку ноќи непреспиени…
колку грижи…
колку труд.
Само да пораснеш во човек.
И порасна.
Во прекрасна, добра, воспитана душа.
Во дете што помага на сите.
Во дете што никогаш не одминува човек без „добар ден“.
Во другар каков ретко се раѓа.
И токму такво дете…
ни го убија.
Ни го зедоа најмилото.
Ни го зедоа целиот живот.
Но слушни ме чедо мое…
Нема да се откажеме.
Ќе се бориме до последниот здив
за правдата.
Секој што има вина за твоето убиство ќе одговара пред законот.
Нека немаат мир ни спокој –
како што ние немаме откако те нема
Секој што мисли дека ќе се сокрие од вистината –
се лаже.
Правдата ќе излезе на виделина.
За тебе.
За сите невини деца.
А ти, ангелу на мајка…
почивај во мир.
Нека Бог ти ги отвори царските порти
и нека те чува меѓу ангелите.
Недостасуваш секоја секунда.
Недостасуваш со секој здив.
Наше најмило,
наша гордост,
наша болка засекогаш.
Недостасуваш бескрајно,
Ивонче наше…, напиша мајката.
На 16 март 2025 година, во трагичниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 63 лица, меѓу кои имаше и деца, додека повеќе од 200 луѓе беа повредени. Непосредно по несреќата беше одржана итна седница на Советот на Општина Кочани, по што беше прогласена седумдневна жалост – најпрво на локално, а потоа и на државно ниво. Иако првичните информации говореа за 59 загинати и над 150 повредени, по завршувањето на лекувањето на повредените и во рамки на обвинителните постапки, конечниот биланс изнесуваше 63 жртви и повеќе од 200 повредени.
Истрагата покажа дека ноќниот клуб со години функционирал незаконски, без исполнување на основните технички и безбедносни услови, без соодветни дозволи и без почитување на противпожарните стандарди. Во објектот биле вршени реконструкции без стручен надзор, биле употребувани лесно запаливи материјали, а просторот не ги задоволувал ниту основните безбедносни критериуми.
Кобната вечер биле активирани три пиротехнички средства во исто време, насочени кон плафонот обложен со полиуретански сунѓер. Пожарот се проширил за само неколку секунди, а густ чад и паника ги затекнале посетителите во клубот кој имал само еден, недоволно соодветен излез. Поголемиот дел од жртвите загинале обидувајќи се да стигнат до вратата, која не претставувала стандардно евакуациско решение.
Точно во 02:32 часот, со едноминутен молк им беше оддадена почит на жртвите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“, настан што засекогаш го промени Кочани.
„Да застанеме заедно во тишина за нашите 63 ангели. Во 02:32 часот, моментот што засекогаш го обележа Кочани, ќе оддадеме почит со минута молк. Нека светлината биде потсетник дека не забораваме, а тишината нека зборува за љубовта што останува“, порачаа од здружението на граѓани „16 Март 2025“, организатори на собирот пред дискотеката.
Жртвите се Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев. Слава им.

