Американската поп-ѕвезда Мадона го прославила роденденот во селото Курамадес на грчкиот остров Крф, каде вечерала со семејството и пријателите во традиционална таверна. Според локалните жители, од нив било побарано да ги затворат прозорците за да ѝ се обезбеди приватност.

Американската поп-ѕвезда Мадона го прославила својот 68. роденден во селото Курамадес на грчкиот остров Крф на 16 ти август, а поради прославата привремено биле затворени и некои од селските улици.

Таа со семејството и пријателите вечерала во традиционална таверна, со ребетико музика и грчки специјалитети. Во ресторанот пристигнале со црни комбиња, во придружба на обезбедување, пренесува „Прототема“.

Според локалните жители, од населението било побарано да ги затвори прозорците на своите куќи за да ѝ биде обезбедена приватност на пејачката, додека во селото било распоредено и полициско обезбедување.

Мадона седела во градината на ресторанот, а во текот на вечерта била изведена и песната „O pio kalos o mathitis“ од Јоргос Замбетас. Прославата била збогатена и со традиционално кршење чинии.

Пред вечерата, Мадона планирала да ја посети црквата „Богородица“ во Курамадес, која била отворена специјално за неа. Сепак, поради големиот број луѓе собрани во селото, пејачката се откажала од посетата и решила да остане само на роденденската вечера.

Неколку дена пред роденденот, Мадона престојувала во Метеори, каде со хеликоптер пристигнала од Крф со група од околу 12 луѓе, меѓу кои биле нејзиниот син и 30-годишниот партнер.

За време на тричасовната посета, таа го посетила манастирот Варлам, кој бил отворен исклучиво за нив. Таму разговарала со игуменот Венедикт, од кого, според монасите, побарала духовни совети и се распрашувала за бројаницата што ја држел во раката.

Exit mobile version