Во тема на денот, гостуваше кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски, кој ја промовираше својата програма и изнесе неколку решенија за проблемите кои карпошани ги имаат посочено во анкета која тој ја има спроведено.Тој истакна дека прво што ќе направи ќе биде стоп на бетонизацијата без план и без визија.„Ги детектиравме носечките проблеми на карпошани. На прво место е популарно бетонизацијата, која им пречи на луѓето, затоа што досега било пракса да никнуваат насекаде нови станбени единици“, нагласи Лукровски.
Тој најави ревизија на сите дупови и создавање на ново јавно претпријатие Карпош план кое ќе се занимава со планско градење на општината.
„Ќе направиме ревизија на сите постоечки дупови и создавање на ново јавно претпријатие Карпош план со кое ќе детерминираме се она што ќе се гради во нашата општина. Ќе гледаме да направиме доколку има потреба од нова градба, да во иднина има и зеленило и решенија за паркинг просторот“, потенцираше Лукровски.
Уште еден од приоритетите кои ги најави дека ќе бидат решени во неговиот мандат се паркинг местата. Лукровски најави нови 600 паркинг места во Карпош.
„Предвидени се околу 600 нови паркинг места преку монтажни гаражи, на постоечките места, во Карпош 2,3,4, на Млечен и во Влае. 80 на Млечен, 70 во Влае, 130 во Карпош 4, 120-150 Карпош 3 и 110 во Карпош 2 и така ќе стигнеме до нови 600 паркинг места, со што се надевам ќе ги тргнеме возилата од пешачките патеки“, заклучи Лукровски.