Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница за пратенички прашања упати остри критики до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, барајќи одговорност за доцнењето на реконструкцијата во ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје.
Лукаревска посочи дека иако договорот меѓу МОН и Општина Центар бил склучен уште во февруари, градежните работи започнале дури на 7 август. Поради тоа, стотици ученици учебната година ја започнаа без редовна настава со физичко присуство.
Таа ги отвори и прашањата за законската основа за преминување на онлајн настава, како и за точните рокови за завршување на градежните активности. Лукаревска забележа дека и покрај ветувањата на министерката дека работите ќе завршат за две недели, учениците од погорните одделенија продолжуваат со настава од далечина.
Во своето интегрално прашање поставено во Собранието, Лукаревска изјави:
„Почитувана министерке, Дали и каква одговорност ќе понесете за хаосот со почетокот на наставата во ООУ „Киро Глигоров“ ? Како можевте да дозволите учениците во едно од најбројните училишта во земјата, и патем најново, учебната година да ја започнат без обезбедена редовна настава со физичко присуство. Во услови кога сите показатели укажуваат на сериозен пад на знаењето и квалитетот на образованието Вие оставивте стотици ученици без редовна и квалитетна настава. ООУ „Киро Глигоров“, училиште со реноме, заради немарноста на МОН сега сред училишна година личи на градилиште, со прашина насекаде. Родителите и учениците се во шок, силно револтирани и без бараните одговори. Реагираше и Општина Центар за овој невиден преседан. За волја на вистината и Вие бевте таму присутна токму на 1 септември, но наместо да дадете точни информации за проблемот што го создадовте, Вие делевте лекции за братчиња и сестричиња, за кои Ви се чудеше целата јавност“.
Таа ја презентираше и хронологијата на настаните според официјалните документи:
„Ајде да направиме една хронологија со датуми, со цел да стигнам до моето конкретно прашање. Хронологијата ќе ја правам согласно веродостојни документи. На 18 февруари 2026 година е склучен Договор помеѓу МОН и Општина Центар за регулирање на меѓусебни односи при адаптација на училишна зграда со цел овозможување на одржување настава во една смена, т.е за адаптација на постоечки простории во ООУ ,,Киро Глигоров,, како дел од Проектот за унапредување на основното образование (ПЕИП). Во членот 2 од Договорот, јасно е наведено на што се обврзува МОН, и тоа: да обезбеди финансиски средства за изработка на тех. документација, изведба на адаптацијата и надзор над работите, oсновен проект за адаптација, ревизија, изведувач за градежните работи, стручно-технички надзор над истите, како и да го предаде адаптираниот дел на Општината. Согласно Договорот, Општината реализирала се на што се обврзала. На 5 август, испративте маил до неколку скопски училишта, меѓу кои и ООУ ,,Киро Глигоров,, за да им најавите посета на 7 август и вовед во работата од страна на надлежните, изведувачот и надзорот. Значи на 7 август Вие сте знаеле дека има некаков застој, дека има проблем и дека нема да се завршатActivities до 1 септември. Има и уште еден маил од МОН од 6 август, со барање за достава на соодветна документација и од Изведувачот и од Надзорот“.
Лукаревска ги цитираше и дописите од училиштето и упати директни прашања за одговорноста:
„Во дописот од ООУ ,,Киро Глигоров,, до Општината од 26 август стои, цитирам ,,во согласност со средбата за посета на училиштата и вовед во работа на ден 07.08.2026 год. започнаа градежни активности со цел да се изврши адаптација на нови училници во постоечкиот простор за да се обезбеди едносменска работа на училиштето.,, Значи Договор потпишан во февруари, дури во август ,,будење,, и почеток на градежни активности. Ден пред достава на барањето за начинот на организирање на воспитно-образовен процес за почеток на учебната 2026/2027 од директорката на училиштето, имало состанок на засегнатите страни, МОН, изведувачот, училиштето, со констатација, внимавајте, дека во сите училници не може да се реализира воспитно- образовниот процес. Наставата во училиштето може да се реализира во 12 училници. И на крајот од барањето до Општината се бара одобрување за учениците од I до III одделение да одат со физичко присуство, а останатите да ја следат онлајн се до завршување на градежните активности. Одиме понатаму, 27 август до МОН барање од Општината за прецизирање како да се надмине проблемот со ненавременото завршување на градежните активности, кое е решението на МОН за организација на наставно-воспитниот процес, гаранција за безбедноста на учениците и создавање на услови за одвивање на наставата со физичко присуство. Општината ги преземала сите активности во рамки на своите надлежности, но не можела да преземе одговорност за организацијата на наставата поради незавршени градежни активности, особено во делот на безбедноста. Одговорноста е Ваша министерке. И таа одговорност соодејствува со Вашата изјава од 1 септември во дворот на истото училиште дека се ќе се заврши во рок од две недели, или осум до девет работни дена. Тоа му доаѓа некаде 14 или 15 септември. Но се ова паѓа во вода согласно дописот од 9 септември доставен до Совет на родители од директорката на училиштето, каде стои дека по насоки на МОН ,,Од 14.9.2026 година воспитно-образовниот процес за учениците од I-во до V-то одделение ќе биде реализиран со физичко присуство, а за учениците од VI-то до IX-то одделение ќе се реализира преку средствата за учење од далечина.,, Ова е потврда дека Вашата изјава е паушална,факт е дека не се враќаат сите ученици на настава со физичко присуство“.
„Еве ги прашањата на кои цела јавност, а пред се учениците и родителите од ООУ ,,Киро Глигоров” чекаат одговор од Вас, но искрен и без манипулации: Зошто реконструкцијата на училиштето започнала на 7 август иако станувало збор за планирани градежни работи кои можеле навремено да се организираат и реализираат во текот на летниот распуст? Зошто дозволивте една планирана реконструкција да доведе до нарушување на редовниот образовен процес и зошто родителите и јавноста не беа навремено и целосно информирани за проблемот? Уште посериозно е прашањето за законската основа. Законот за основното образование го поставува физичкото присуство како основен начин на реализација на наставата, додека можноста за далечинско учење е предвидена во законски определени околности, меѓу кои и вонредни околности. Во конкретниот случај не постои прогласена вонредна состојба. Затоа треба да одговорите: Врз кој конкретен член од Законот за основното образование и врз основа на кој конкретен акт е донесена одлуката учениците од ООУ „Киро Глигоров“ да ја следат наставата онлајн поради реконструкција на училиштето? И тука доаѓаме до уште еден сериозен проблем – начинот на комуникација со родителите и јавноста. Зошто информациите за реалната состојба со реконструкцијата не беа навремено, јасно и транспарентно споделени со родителите? Зошто родителите беа доведени во ситуација непосредно пред почетокот на учебната година да дознаваат дека нивните деца нема да можат нормално да ја започнат наставата? И зошто ги уверувавте дека реконструкцијата ќе заврши за девет работни дена од 1 септември, кога и по истекот на тој рок сите ученици сè уште не се вратени на редовна настава со физичко присуство? Ова веќе не е само прашање за една реконструкција. Ова е прашање за управување со образовниот процес, за почитување на законот, за транспарентноста на институциите и, пред сè, за одговорноста кон учениците. Затоа, почитувана министерке, прашањето не е само „кога ќе заврши реконструкцијата?“ Прашањето е: Кој ќе понесе одговорност што учениците не ја започнаа учебната година со обезбедена редовна настава, зошто дозволивте однапред познат проблем да стане проблем на учениците и родителите?“, праша пратеничката Лукаревска.

