Германската авиокомпанија „Луфтханза“ донесе одлука за суспендирање на директната линија Франкфурт-Скопје во текот на целиот месец јуни. Истовремено, „Аустријан ерлајнс“ го одложи почетокот на новата авиолинија Виена-Охрид, што претставува нов бран промени во летниот распоред на оваа групација.

Последниот директен лет од Франкфурт за Скопје е закажан за 31 мај. До средината на овој месец линијата ќе сообраќа секојдневно, а до крајот на мај бројот на летови ќе се зголеми на девет до десет неделно. Сепак, во текот на јуни нема да има директна поврзаност, а обновување на рутата се очекува од 1 јули, иако распоредот се уште не е официјално потврден.

Од компанијата посочуваат дека патниците за Скопје ќе можат да патуваат преку Виена, каде што превозот ќе го преземе „Аустријан ерлајнс“, исто така членка на „Луфтханза груп“.

Промени има и на аеродромот во Охрид. „Аустријан ерлајнс“ го одложи воведувањето на линијата од Виена, па наместо на 17 мај, првиот лет е планиран за 21 јуни. Оваа релација ќе биде активна до 18 октомври.

Овие одлуки доаѓаат по турбулентен период за германскиот превозник, кој во април се соочи со штрајкови и затворање на подружницата „CityLine“. Само за јуни, „Луфтханза“ откажала 944 неделни летови низ својата европска мрежа.

Exit mobile version