Локални избори: Партиите се подготвуваат за вториот круг

Генерална оценка на набљудувачката мисија на ОДИХР за изборите во Северна Македонија e дека беа мирни, со натпреварувачки дух, со почитување на основните слободи, но се гледа дека има потреба од суштински реформи во однос на изборното законодавство. Мисијата забележала и изолирани инциденти како групно гласање, но и процедурални грешки при пребројување и сумирање на резултатите. Партиите, пак, им се заблагодарија на граѓаните за поддршката, за успешно спроведените локални избори во европски дух и за високата демократска свест што ја покажаа на денот на изборите.

Во 34 општини се избрани градоначалници во првиот круг од локалните избори што се одржа завчера, покажуваат официјалните податоци на Државната изборна комисија по пребројувањето на сите гласови. Во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ победи во 22 општини, СДСМ во девет, ДУИ во три.

Најголемите политички ривали СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг меѓусебе ќе се борат за градоначалник во 25 општини. Вкупно СДСМ во вториот круг ќе има кандидати во 32 општини плус Град Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ во 28 општини. Кандидатите на Алијанса за Албанците/Алтернатива и ДУИ во вториот круг меѓусебе ќе се борат во осум општини, а во Тетово и Желино во вториот круг влегуваат кандидатите на ДУИ и БЕСА.

Во Градот Скопје во вториот круг влегуваат независната кандидатка Данела Арсовска која има освоено 85.657 гласа и кандидатот на СДСМ Петре Шилегов кој освоил 77.852 гласа.

СДСМ порача дека ја разбрале пораката од граѓаните и сметаат дека поддршката што ја добиле во првиот круг е сериозна и повикаа на обединување. ВМРО-ДПМНЕ со оценка дека Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ триумфирала на локалните избори и со порака дека промената е неминовна. ДУИ излезе со оценка дека останува најголема албанска политичка сила во земјава и оти новото поглавје на партијата „зелена агенда“ била добро прифатена од граѓаните и наишла на поддршка.

Шефот на набљудувачката мисија на ОДИХР Тана де Зулуета, вчера на прес-конференција информира дека бројните празнини во Законот и законските измени направени близу до денот на изборите ја поткопале правната стабилност и најголемите парламентарни партии уживаат системски предности во распределбата на јавните ресурси за кампањата.

– Беше добро да се видат голем број кандидати слободно да водат кампања низ целата земја, но беше очигледно од нашето набљудување дека најголемите партии го користеа Законот за да остварат доминација на политичкото поле. Ова јасно го искривува системот во нивна корист, изјави Де Зулуета презентирајќи ја прелиминарната оценка од набљудувањето на првиот круг од локалните избори во земјава.

19.10.2021 - 08:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега