Лиценцирана фирма одгледувала медицински канабис со двајца вработени и без струја, а имала и вишок од 23 килограми
На 11.08.2023 од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога, во координација со претставници од Комисијата за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели и во содејство со полициски службеници од ОВР Гостивар беше извршена вонредна контрола и претрес врз основа на наредба издадена од Основен суд Гостивар во правно лице во село Врапчиште, гостиварско, кое поседува одобрение за одгледување на канабис за медицински цели.
Од извршената вонредна контрола и претресот беа констатирани голем број на неправилности, односно дека во правното лице не се исполнети барањата за обезбедување и надзор, а оградата и бриновиот елемент биле оштетени.
Покрај ова, објектот е без електрична енергија, а од проверките во Агенцијата за вработување евидентирани се само две вработени лица, кои не биле затекнати на местото, наспроти двете затекнати лица, албански државјани, кои не биле вработени во правното лице, од кои едното има забрана за влез во државата и при доаѓање во објектот тоа се дава во бегство, но набргу било пронајдено и приведено.
Во магацинот за готов производ, т.н. СЕФ-соба биле пронајдени 327,3 килограми сув цвет спакуван во алуминиумски вреќи, што е спротивно на член 29-Ѓ од Закон за контрола на опојна дрога и психотропни супстанции, а според официјалното Известување доставено до Министерство за здравство, дополнително бил констатиран вишок од 23,3 килограми сув цвет од канабис.
Исто така, затекнати биле 2.746 растенија од канабис кои се одгледуваат во надворешниот простор на правното лице, спротивно на предвидените услови. Сите пронајдени стебла од канабис и сув цвет од канабис по насоки на Јавен обвинител при ОЈО Гостивар, во текот на денешниот ден (12.08.2023) се одземени, а по комплетирање на целокупната документација од страна на ОВР Гостивар до ОЈО Гостивар против правното лице и против одговорното лице ќе биде поднесена соодветна кривична пријава согласно Законот за контрола на опојни дроги, a од страна на Комисијата ќе биде поднесен предлог за одземање на одобрението за одгледување канабис за медицински цели.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа