Левица му поднесе кривична на Гаши оти не му го одзел мандатот на Џафери

Пратениците на Левица поднесоа заедничка кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Африм Гаши, заради основано сомневање за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“ – казниво по чл. 353-в од Кривичниот законик, со запретена затворска казна до три години. 
 
„Оваа прва пријава против актуелниот собраниски спикер е поднесена поради пропуштање службено дејствие и свесно и злонамерно несовесно и противзаконито постапување во случајот со неодземањето на мандатот на пратеникот Талат Џафери од ДУИ – поради уставна инкомпатибилност и неспојливост на функциите „премиер“ и „пратеник“. 
 
Пријавениот, согласно императивни одредби од дури четири важечки закони и од Деловникот на Собранието, бил должен да ја констатира состојбата на судир на интереси и кумулација на функции кај Џафери и да го дополни Дневниот ред на првата наредна собраниска пленарна седница – но, истиот одбил да го стори тоа што му било изрична обврска и покрај поднесеното писмено барање од страна на пратеничката група на Левица, како и покрај јавните укажувања на Државната комисија за спречување на корупцијата. 
 
Ја известуваме јавноста дека правниот тим на Левица и во иднина будно ќе ја следи законитоста во работењето на новиот собраниски спикер и соодветно ќе реагира на секое противзаконито постапување или непостапување“, велат од Левица.
27.06.2024 - 10:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега