СДСМ и Венко Филипче шират паника за идејата за изградба на дата центри, изјави на денешната прес-конференција Миле Лефков, член на Извршниот комитет и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека опозицијата треба да направи јасна разлика помеѓу приватните и државниот национален дата центар.

„Прво, Филипче и неговото актуелно раководство во СДС треба да направат разлика помеѓу приватни дата центри и државен национален дата центар. Второ, Филипче е последен кој може да се грижи за интересите на граѓаните и нивниот квалитет на живот“, рече Лефков.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, изградбата на ваков објект претставува обврска што произлегува од Реформската агенда на патот кон ЕУ.

„Државата има обврска од Реформската агенда или патот до ЕУ за изградба на национален дата центар. И како што информиравме Македонија има дата центар во Прилеп кој е секундарен, она што и треба е примарен каде што на едно место ќе се чуваат сите податоци од државните институции. Значи, цел на овој дата центар е безбедност на личните податоци на граѓаните како и безбедност на податоците од државните институции“, изјави Лефков.

Лефков упати и повеќе прашања до опозициската партија во однос на нивниот став за сајбер безбедноста.

„Дали Филипче и СДС кои шират паника се против безбедност на лични и државни податоци? Дали СДС знае дека тоа е клучно за безбедност и стабилност на државата? Дали СДС знае дека безбедни лични информации на граѓаните е од голема важност за остварување на нивните права по различни основици како здравствени, социјални и слично?“, праша тој.

Тој додаде дека сајбер безбедноста е клучен сегмент за секоја современа држава.

„Сајбер безбедноста или заштита од напади на системот на податоци е одлика на секоја современа држава. И вообичаено додека ВМРО-ДПМНЕ се грижи за секој еден граѓанин и за државата, СДС бара начини за остварување на интереси на поединци“, заклучи Лефков.

Exit mobile version