Лазаревска: Нема зголемување на платите од 12 проценти - власта ги потценува наставниците

 


Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го изразува своето незадоволство и загриженост за третманот кој актуелната власт, предводена од Христијан Мицковски и министерката Весна Јаневска, го покажува кон просветните работници, истакна на прес-конференција Жаклина Лазаревска од СДСМ.

Според неа, додека трошоците за живот растат и се поскапува, граѓаните и работниците имаат се помалку пари, а власта на ДПМНЕ ги останава на цедило и наставниците.

„Наместо да го вреднуваат трудот на наставниците и да обезбедат вистинско подобрување на нивниот животен стандард, Власта со потценувачки решенија го деградираат достоинството на оваа благородна професија. Според законската обврска, платите на наставниците требаше да бидат зголемени за 12,15% од септември 2024 година, што би значело просечно зголемување од 4.300 денари.
Но, тоа не се случи. Реалноста е понижувачка – зголемувањето од едвај 5% пристигна дури во октомври, оставајќи ги наставниците без заслуженото за нивниот труд“, вели Лазаревска.

Со ова, како што рече, наставниците и просветните работниците се оштетени.

„Дополнително, најавените зголемувања од 7,5% во март 2025 година и нејасните ветувања за идни зголемувања од 7,5-10% секој март се далеку од тоа што им следува и што треба да го добијат просветните работници.
Секако и далеку од она што го реализираше СДСМ во изминатите години. СДСМ покажа дека образованието е приоритет“.

ВМРО-ДПМНЕ, додава таа, покажува дека нема капацитет да ги препознае вистинските приоритети.

Како што истакна, пари за образование има, прашањето е само за што се користат.

Наставниците, појасни Лазаревска, заслужуваат достоинствен третман и вистински услови за работа.

Најави дека СДСМ ќе продолжи да се бори за подобрување на условите во образованието, бидејќи образованието е темелот на иднината, а достоинството на наставниците мора да биде заштитено.

16.01.2025 - 12:33

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега