Ладен туш од ЕУ за Бугарија: Не се спремни за влез во еврозоната

Бугарија сè уште не е подготвена да воведе единствена европска валута поради претерано високата стапка на инфлација, соопшти денеска Европската комисија во Брисел.

Првично планирано за почетокот на оваа година, воведувањето на еврото беше одложено откако минатата година во оваа земја од југоисточна Европа беше забележана инфлација од 9,5 отсто.

Комисијата работи на претпоставката дека стапката на инфлација годинава ќе падне на 3,1 отсто во однос на лани, се вели во мајската економска прогноза.

Земјите кои влегуваат во еврозоната мора да ги исполнуваат критериумите за стабилност на цените, јавните финансии, стабилноста на девизниот курс и долгорочните каматни стапки, кои не смее да бидат повеќе од два процентни поени над стапките во најстабилните земји на ЕУ во годината пред проценката.

Сите земји-членки на ЕУ, со исклучок на Данска, се законски обврзани да влезат во еврозоната. Освен Бугарија, земјите кои допрва треба да се приклучат се Полска, Романија, Шведска, Чешка и Унгарија.

Комисијата извести дека Бугарија, која ѝ се приклучи на Европската Унија во 2007 година, моментално е единствената земја што ги исполнува критериумите, освен една, и каде националните правни регулативи се компатибилни со валутната унија.

Членството во еврозоната може да биде политички оспорено во Бугарија, бидејќи проруската и националистичката Партија на преродбата инсистира на референдум за ова прашање.

Проевропските сојузи Граѓани за европски развој на Бугарија-Сојуз на демократски сили (ГЕРБ-СДС) и Продолжување на промените-Демократска Бугарија (ПП-ДБ) силно се за влез во еврозоната.

Бугарската централна банка и Министерството за финансии денеска соопштија дека земјата до крајот на годината ќе ги исполни критериумите за инфлација на еврозоната. Преодната влада го потврди и законот за воведување на еврото, кој ќе треба да го донесе новиот парламент избран на 9 јуни.

 

Во Бугарија се водат сложени разговори за формирање нова влада.

27.06.2024 - 09:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега