Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција упати сериозни обвинувања до власта, тврдејќи дека куќниот притвор за Артан Груби е резултат на однапред договорено политичко сценарио меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според неа, институциите се ставени под директна контрола на премиерот Мицкоски за да се реализира оваа „режирана претстава“.
Кузеска посочи на контрадикторните изјави меѓу Обвинителството и затворот „Шутка“, што според СДСМ е клучен доказ за партиско мешање.
„Вчера Обвинителството соопшти дека МВР на Тошковски и АНБ на Христовски дале проценка дека Груби ‘не бил безбеден’ во ‘Шутка’, па затоа предложиле куќен притвор. Истиот ден, директорот на затворот демантираше дека некој побарал мислење за безбедноста. Епа како донеле одлука во Обвинителството? Има ли подобра потврда дека сè е договорено?“, праша Кузеска.
Таа додаде дека јавноста со месеци е замајувана и дека целта на поставувањето на „партиски обвинители“ била токму ваквата завршница на случаите поврзани со поранешните функционери.


