Основниот суд во Кочани одреди мерки куќен притвор за две лица – даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалната дирекција Штип. Ова денеска го потврди претседателот на Основниот суд-Кочани, Спиро Борисов.
Одлуката е донесена откако Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работењето на клубот „Пулс“.
За шест други лица опфатени во истрагата, од кои даночни инспектори и управници, се одредени мерки на претпазливост, а за едно лице дополнителна мерка на претпазливост.
Примање поткуп и откривање тајни
Според Обвинителството, двајцата даночни контролори кои се во куќен притвор се осомничени за „Примање поткуп“ (член 357). Тие ја искористиле службената положба за да му ги откриваат информациите и да го предупредуваат одговорното лице во клубот за ненајавени контроли, со цел да прибават противправна имотна корист.
- Одговорното лице (син на сопственикот на „Пулс“) е осомничен за „Давање поткуп“ (член 358). Обвинителството бара проширување на мерките на претпазливост против него со забрана за контакти со новоосомничените.
- Шестмина даночни инспектори и управници од УЈП Штип и Струмица им овозможувале на „Пулс“ и „ММММ кафе“ да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без фискализација, со што сториле „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
- Инспекторка од Државниот пазарен инспекторат е осомничена за „Оддавање службена тајна“ за откривање информации за ненајавени контроли.
Сопственикот на „Пулс“, кој е веќе во притвор во друг предмет, сега е осомничен и за „Фалсификување исправа“ бидејќи при контроли на УЈП приложувал преправени фискални апарати со невистинити податоци за да избегне глоби и затворање на објектот.

