Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов во инвалидска количка се појави во Судницата 1 во Кривичниот суд, па се пожали на влошена здравствена состојба.
Судијата Илија Трпков сепак рече дека рочиштата ќе се одржуваат, но ќе бидат пократки.
На првото рочиште, воведен говор имаше само обвинителката Верица Бержецка Крстева, а обвинетите не се произнесоа дали се чувствуваат виновни или не бидејќи судењето беше прекинато.
Обвинителката кажа дека не станува збор за обично затајување на данок, туку на испреплетена мрежа од компании кои со фиктивни фактури ја oштетиле државата.
За одбраната, спорно е зошто Обвинителството поднело обвинение само за Данок на додадена вредност, а не и за останатите даноци.
-Ако се направи обвинение за сите даноци, значи, Данок на добивка, персонален данок, и ДДВ ќе се утврди, и тоа неспорно ќе се докаже во текот на постапката дека истите тие договори коишто сака да ги направи дека се фиктивен промет се предмет на оданочување и на Данок на добивка и на персонален данок. И по сите основи, и приходи и расходи, значи целокупната книговодствена евиденција секаде е прифатена и секаде се книговодствени документи, само кога доаѓа моментот дека е поврат, сакаат да го докажат дека е фиктивен промет, рече адвокатот Ване Цветанов.
Обвинителката Бержецка Крстева, пак, рече дека не се гони само за ДДВ, појаснувајќи дека тоа е делот за голема даночна измама. Рече и дека се гони и за други даночни основи.
-Одбраната во тој дел го спори моментот дека не се гони за излезен данок кој произлегува поради тоа што се пријавува влезен данок кој после се врши по основ на поврат на ДДВ. Меѓутоа, и денес во воведните говори го нагласив тоа, дека таквите обврски се меѓусебно прикривани со фиктивни фактури меѓу поврзаните правни лица и со тоа се затвора впрочем кругот на тој данок. Значи, се доаѓа на нула, со тоа што тие меѓусебно си ги фактурираат како излезен, така и влезен данок, образложи обвинителката.
Одбраната барала преиначување на мерката ефективен во домашен притвор поради здравствената состојба на Крмзов.
-Па нема, тоа е очигледно. Мислам и камерите имаа можност да забележат во каква состојба е донесен. Неблагодарно е да ја коментираме состојбата. Сметам дека условите се тие.
„Немате одговор на барањето?“
-Не, рече Цветанов.
Обвинителството тврди, не располага со информации за неговата здравствена состојба.
-И во текот на истрагата и во фаза на оцена на обвинение, сега и во фаза на судење, од одбраната се доставуваат барања за преиспитување на околностите за опстојување на мерката притвор, меѓутоа, и по барање на Обвинителството да се достави документација или вештачење во однос на неговата здравствена состојба, такви барања не беа подесени, рече обвинителката Бержецка Крстева.
Според обвинението, по основ на фиктивни договори за купопродажба на имот во периодот меѓу 2019 и 2024 година, УЈП исплатило незаконски поврат на ДДВ во висина од околу 22 милиони евра. Во предметот освен Крмзов обвинети се уште деветмина други лица, како и 13 фирми.


