Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Б.И. (62) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Според пријавата, во периодот од јули до ноември 2023 година, пријавениот, во својство на директор на Шумско-стопанската единица „Ѓуриште“ – Свети Николе, не постапил согласно законските одредби за обезбедување транспарентен и конкурентен избор на правно лице.
Без спроведување соодветна постапка, тој склучил три договори за купопродажба на дрвни сортименти на пенушка со правно лице од село Бузалково, велешко.
Со тоа, како што се наведува во пријавата, му овозможил на правното лице да се стекне со противправна имотна корист во износ од 3.422.592 денари.


