Даниела Димовска денеска и официјално ја презеде функцијата претседателка на Основниот кривичен суд Скопје, откако пред Судскиот совет даде свечена изјава.
Димовска, која во изминатите 14 месеци беше вршител на должноста претседател на судот, најави дека ќе продолжи со досегашниот начин на работа. Како главни приоритети ги издвојува одржувањето на ажурноста, дополнителното намалување на старите предмети, целосната анонимизација на судските одлуки и зголемувањето на транспарентноста преку нова веб-страница.
Според неа, резултатите од изминатиот период се добра основа за продолжување на реформите во работата на судот.
„Во изминатите 14 месеци успеавме да го намалиме приливот на предмети за 4.000. Еден сме од најажурните судови во државата. Успеавме да го намалиме бројот на стари предмети за 53 проценти и да немаме ниту еден застарен предмет во текот на оваа година“, изјави Димовска.
Таа додаде дека процесот на анонимизација на судските одлуки е при крај, а во тек е и постапката за добивање одобрение од Судскиот совет за нова веб-страница на судот.
Како најголем проблем во функционирањето на институцијата, Димовска го посочи недостатокот на кадар. Во судот, како што рече, во моментов има 130 вработени помалку во споредба со периодот пред неколку години.
„И со овој намален број вработени успеваме да се справуваме со приливот на предмети, меѓутоа најголемиот товар од работата паѓа токму на судската администрација“, рече таа, нагласувајќи дека администрацијата е суштинска поддршка на работата на судиите.
Во однос на довербата на граѓаните во судството, Димовска смета дека таа може да се унапреди преку законити, образложени и разбирливи судски одлуки, но и преку поголема отвореност на судовите кон јавноста.
„Одлуките треба да бидат образложени и конзистентни. Тоа е еден од начините преку кои можеме да ја подобриме довербата“, истакна Димовска.
Таа порача дека судството мора да има рамноправна позиција со законодавната и извршната власт и да ја исполнува својата улога како нивен коректив.
Одговарајќи на прашања за нејзината независност, Димовска рече дека нејзиното досегашно работење е најдобар доказ дека функцијата ја извршува професионално и без влијанија.
„Работам професионално, транспарентно, независно, без притисоци и без привилегирање на која било страна“, изјави таа.
Димовска се осврна и на споменувањата во јавноста поврзани со истрагата против нејзиниот брат во случајот „Пулс“. Таа оцени дека тоа не претставува пречка за нејзиното извршување на функцијата и не може да влијае врз нејзината работа како судија и претседателка на судот.
„Воопшто не сметам дека тоа може да биде пречка или да фрли сенка врз мојата работа“, рече Димовска.
Димовска беше избрана за претседателка на Основниот кривичен суд Скопје на седницата на Судскиот совет одржана на 8 јули, по спроведена постапка по јавен оглас. При изборот, како нејзини предности беа издвоени визионерскиот пристап во раководењето, заложбите за независност и транспарентност и резултатите постигнати во периодот кога беше в.д. претседателка на судот.


