Полицијата приведе 13-годишник осомничен дека со нож повредил три лица за време на тепачка во скопски Чаир. Приведен е и 19-годишник кој, според МВР, учествувал во физичката пресметка.

Инцидентот се случил синоќа околу 22 часот, кога настанала тепачка меѓу приведените 13-годишник и 19-годишниот Б.И. од една страна и три лица на возраст од 13, 16 и 19 години од друга страна.

Според полицијата, во текот на пресметката приведениот 13-годишник со нож им нанел убодни рани на тројцата од спротивната страна.

Тешко се повредени 19-годишниот И.З. и 13-годишното дете, додека 16-годишникот се здобил со телесни повреди. Според објавените информации, повредениот 13-годишник е во критична состојба.

Полицијата извршила увид на местото, а биле одземени три ножа, пендрек и други предмети.

Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје.

Exit mobile version