Основниот кривичен суд Скопје се соочува со сериозен недостиг на судски службеници и поротници, но истовремено бележи значително намалување на бројот на старите предмети и застарените кривични постапки. Ова беше соопштено на денешниот брифинг со новинарите во Кривичниот суд.

Во Судот моментално постапуваат 53 судии, од кои осум се над 59 години, а петмина се над 64 години. Од Судот предупредуваат дека во следните три години голем дел од нив ќе заминат во пензија, додека нови судии не се очекуваат поради немањето нови генерации од Академијата.

Недостигот на кадар е особено изразен кај администрацијата. Од предвидените 628 работни места, пополнети се само 208. Во 2026 година се пензионирале 13 вработени, а од 2020 до 2025 година бројот на службеници се намалил за 131.

Недостигаат и судски поротници. За нормално функционирање се потребни 70, а во моментов активни се 52.

И покрај кадровскиот дефицит, бројот на старите предмети е намален за околу 59 проценти. Од 896 стари предмети во август 2025 година, бројот во август 2026 година паднал на 368.

Во однос на застарените кривични предмети, во 2022 година застареле 16, во 2023 – 18, во 2024 – 26, а во 2025 година – 20 предмети. Во првите девет месеци од 2026 година застареле шест кривични предмети. Од Судот посочуваат дека дел од застарувањата во 2024 и 2025 година се поврзани со измените на Кривичниот законик.

Во Специјализираното одделение, во 2026 година досега нема застарени предмети.

Кривичниот суд работи и на дигитализација. Во тек е електронско поврзување со Агенцијата за катастар на недвижности, а во тест-фаза е и алатка со вештачка интелигенција за анонимизација на судските одлуки, развиена во соработка со „Бреинстер“. Од Судот најавија дека ќе побараат од Судскиот совет одобрение за нејзина официјална примена.

Exit mobile version