Повеќе од 1.000 полициски службеници рано утринава почнаа големи претреси ширум Германија и во други европски земји, насочени кон меѓународна мрежа за перење пари и членови на моторџиската група „Хелс Енџелс“ (Hells Angels), дознава ДПА.
Полицијата во западниот германски град Дуизбург соопшти дека се очекува реализација на неколку налози за апсење. Портпаролката на полицијата изјави:
– Операцијата е насочена кон меѓународна мрежа на перачи на пари, како и кон криминална организација, за која ДПА дознава дека станува збор за „Хелс Енџелс“.
Според информации на агенцијата, се претресуваат вкупно 140 објекти во неколку германски сојузни покраини и во други европски земји. Репортер на ДПА утрово беше сведок на голема полициска операција со учество на специјални единици на адресата на влијателен член на „Хелс Енџелс“ во Дуизбург, а со целата акција раководат обвинителите од овој град.


