Ковачевски не им одговори на новинарите, па на Фејсбук испрати порака по повод 151 година од раѓањето на Гоце Делчев

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ги избегна прашањата на новинарите, во врска со тоа зошто не им беше дозволено да влезат во црквата Св.Спас, туку си останаа пред вратите, иако поминаа преку повеќе безбедносни проверки и беа уредно акредитирани.

Само по еден снимател од медиум беше дозволено да го проследи положувањето на цвеќе на владината делегација. Оваа постапка на Владата предизвика голем револт кај новинарите, кои реагираа дека не можат целосно да си ја завршат својата работа.

Прашан од повеќе новинари зошто не им беше дозволен пристап внатре во црквата додека државниот врв положуваше цвеќе на гробот на Гоце Делчев, по повод 151 година од неговото раѓање, Ковачевски реши да си продолжи по патот и да не одговори на прашањата на новинарите. Во продолжение, во 01.31 минута од видеото можете да го погледнете тој момент. 

Па премиерот, реши на Фејсбук да испрати порака во врска со чествувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев.

„Со високи државни почести, мирно и достоинствено, како што доликува на големиот, светски визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело и државноста, Гоце Делчев, оддадовме почит денеска, пред неговото вечно почивалиште, во чест на неговото раѓање пред 151 година, на денешниот датум, 4-ти февруари“, пишува премиерот Ковачевски на ФБ.

„Идеалите на безвременскиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки. Пораките на Делчев за единство и сплотеност, кога станува збор за националните интереси и за државните стратешки цели се подеднакво актуелни и денес и се света обврска за секого, додека ја градиме Република Северна Македонија во Едно општество за сите граѓани и ја интегрираме, по најголемиот безбедносен сојуз, НАТО, што е веќе реалност и како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија, во семејството на европски народи и држави“, се додава во неговата порака на ФБ.

04.02.2023 - 11:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега