Ковачевски и официјално е нов мандатар: Најавувам силен фокус на економскиот развој

Димитар Ковачевски и официјално е мандатар за состав на нова Влада откако претседателот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатното писмо. Тој одржа краток говор во кој рече дека од денеска ќе почне да го формира тимот кој ќе треба да одговори на, како што рече, сериозните предизвици кои нѐ чекаат од почетокот на следната година.

-Живееме во турбулентни времиња, времиња на кризи и неизвесности. Соочени сме со проблеми кои го попречуваат напредокот на државата и остварувањето на стратешките цели. Ваквите времиња бараат стабилни, одговорни и храбри луѓе кои ќе понесат одговорност да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните. Новата Влада ќе има јасна цел, обезбедување сигурност, подобар живот и светла иднина за нашите граѓани, рече Ковачевски.

Вели дека за тоа потребно е чесно владеење. Токму тоа, според Ковачевски ќе биде одлика на тимот кој ќе го состави.

-Моја лична заложба е да ја вратиме довербата на граѓаните во политиката и институциите. Мора сите заедно да се стремиме во градење независни институции и правично општество ако сакаме да ни веруваат оние кои им служиме. Новата Влада јасно ќе ги дефинира приоритетите за работа. Секоја минута од нашето време во Владата мора да ја посветиме на клучните проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани, на оние проблеми за кои секојдневно зборуваат и за коишто ги мачат, а тоа е економската несигурност и животниот стандард. Најавувам силен фокус на економскиот развој на земјата и финансиска поддршка за семејствата. Новата Влада е одговорна да донесе нов квалитет во јавната комуникација и соработка со сите чинители во општеството. Нашата земја е мала и не смее да дозволиме политички поделби и бескрајни расправии. Тие прават голема штета на развојот и реализацијата на реформи кои се потребни за подобар живот на сите, рече Ковачевски, додавајќи дека мора сите да се обединиме сите.

29.12.2021 - 13:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега