Ковачевски – Голоб: Конкретна поддршка за следниот чекор кон ЕУ, соработката на Северна Македонија и Словенија се продлабочува
На состанокот е констатирано дека Република Северна Македонија и Словенија веќе 31 година развиваатискрено и цврсто пријателство, кое што резултира со продуктивна билатерална соработка.
Пренесена е јасна поддршка од Словенија за следниот чекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, како заслужен напредок и неопходен за стабилноста на регионот и Европа, во геополитички контекст. Поради тоа, изразено е очекување за разбирање на важноста на моментумот и продолжување по европскиот пат.
Премиерот Ковачевски рече дека Северна Македонија високо го почитува ангажманот на Словенија во сите важни процеси за нашата држава, при НАТО интеграцијата, кога беше втората земја што го ратификуваше Протоколот за пристапување и посебно при отворањето на пристапните преговори со ЕУ, во јули, минатата година, по 17 години од добиениот кандидатски статус.
„Словенија отсекогаш била силен и гласен поддржувач на нашите евроатлантски интеграции и на европските перспективи на Северна Македонија и на Западен Балкан и затоа од исклучителна важност е поддршката и во овие моменти кога е пред нас шансата за зацврстување на европската ориентација, која е од стратешко значење и за целиот регион“, рече премиерот Ковачевски.
Владата на Република Северна Македонија, како што потенцираше премиерот Ковачевски ќе продолжи да работи на продлабочување на партнерството со Словенија, за што е доказ и денешното потпишување Заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и Словенија, што ќе придонесе за натамошно интензивирање на билатералната соработка.
На средбата е потенцирана и улогата на Северна Македонија како промотор на културата на дијалог во регионот, којашто со политиките на добро разбирање и дијалог во регионален контекст и со континуитетот во поддршката на европските вредности и поставувајќи се јасно и ефективно на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина и со претседавањето со ОБСЕ, активно придонесува во регионалната стабилност и перспективи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа