Македонскиот здравствен систем е подготвен за справување со евентуална појава на хантавирус – андес варијанта, а ризикот од појава и ширење на овој вирус во државата е низок, оцени Комисијата за заразни болести по одржаната седница.
На состанокот свикан во Министерството за здравство детално се разгледуваше состојбата со појавата на кластер со хантавирус на светско ниво, при што беа мапирани домашните капацитети за дијагностика и третман.
Како што информираат од Комисијата, надлежните институции веќе ги имаат обезбедено сите потребни материјали за брза реакција во случај на сомнеж за инфекција кај некој граѓанин.
„Институтот за јавно здравје располага со реагенси за лабораториско докажување на вирусот, како и со стандардни оперативни процедури за дијагностика на овој вирус“, се наведува во официјалните заклучоци.
Истовремено, обезбедени се и болнички капацитети доколку се појави потреба од медицински третман на инфицирани лица.
Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби располага со соодветни капацитети за третман на евентуални пациенти со симптоматологија карактеристична за инфекција со хантавирус – андес варијанта, односно има соодветни услови за интензивна нега, механичка вентилација и респираторна поддршка.
Во однос на карактеристиките на самиот вирус, експертите појаснуваат дека постои специфичност кај овој сој, но простор за паника во јавноста нема.
„Комисијата истакна дека андес варијантата, за разлика од останатите варијанти на хантавирусот, има можност за пренос од човек на човек при подолг и близок контакт, но важно е да се нагласи дека преносот не е брз и лесен како кај коронавирусните инфекции“, потенцираат од ова советодавно тело.


