Владата ќе продолжи да го помага развојот на Општина Кичево преку поддршка на локалните инфраструктурни проекти, најави премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на општината, каде изврши увид во тековните активности заедно со претставници од извршната и законодавната власт.

Мицкоски изрази задоволство од динамиката на работата на локалната самоуправа и потенцираше дека започнатите проекти ќе бидат комплетно реализирани во предвидениот рок.

„Од ова што можеме да видиме, прилично амбициозна агенда и уверен сум дека сите овие проекти кои што се отпочнати, ќе бидат и завршени. Јас би сакал да му се заблагодарам на градоначалникот, се разбира, за сето тоа кое што заедно со советниците кои што го поддржуваат во рамките на Советот и администрацијата го прави“, изјави Мицкоски.

Претседателот на Владата посочи дека по подолг период на стагнација, во Кичево конечно се менуваат состојбите во корист на граѓаните и нивните секојдневни потреби.

„После долги години застој, гледаме дека почнуваат да се забележуваат првите знаци на развој и во периодот којшто следи ние како Влада ќе продолжиме да го помагаме развојот на Општина Кичево“, подвлече тој.

За време на посетата, премиерот беше придружуван од поширока владина и пратеничка делегација, за кои истакна дека се максимално ангажирани за обезбедување дополнителни инвестиции за овој регион.

„Да се заблагодарам на моите колеги од владата коишто денеска се тука и министерот за социјална политика, демографија и млади и замениците во министерствата животна средина и просторно планирање и јавна администрација. Тука се исто така и пратениците од македонското собрание коишто даваат максимум за да имаме проект повеќе овдека во Кичево така беше до сега, така ќе продолжиме и во периодот којшто следи, а јас како претседател на Владата како до сега така и од сега па и натаму ќе ги подржувам сите овие иницијативи коишто доаѓаат од Општина Кичево“, рече Мицкоски.

На крајот, премиерот упати уште една благодарност до локалните структури и ја потврди посветеноста кон исполнување на преземените обврски.

„Така што уште еднаш голема благодарност на градоначалникот за неговата прилично голема и забележлива амбиционост, да се заблагодарам на советниците во советот коишто ја подржуваат работата на градоначалникот и се разбира на администрацијата којашто ги подготвува сите овие проекти и во периодот којшто следи ќе продолжиме на овој начин да практично испорачуваме сето она коешто го ветивме кај граѓаните“, заклучи Мицкоски.

Exit mobile version