Опозицискиот СДСМ денеска упати остри критики до Министерството за образование и наука поради зачестените инциденти, физички пресметки и појава на ладно оружје во образовните институции. Претседателот на партиската Комисија за образование и наука, Јованче Манасков, на прес-конференција истакна дека системот за превенција целосно потфрла.
Според социјалдемократите, актуелната состојба во училиштата и ученичките домови бара итна институционална одговорност и итна ревизија на безбедносните протоколи.
„Кога тендерите и финансиските интереси стануваат приоритет, а законите и заштитата на учениците се ставаат во втор план, тогаш се случува токму тоа што го гледаме денес – децата се занемарени, без заштита, додека наставниците и професорите се оставени сами да се справуваат со една системска неспособност. Колку инциденти треба да се случат за Министерството конечно да признае дека состојбата е алармантна? Кој ќе понесе одговорност?“, праша Манасков.
Поради нотираните состојби во образовниот систем, партијата излезе со четири конкретни барања до надлежните органи:
„ПОРАДИ ЦЕЛОСНИОТ ИНСТИТУЦИОНАЛЕН НЕУСПЕХ ВО ЗАШТИТАТА НА УЧЕНИЦИТЕ БАРАМЕ:
- Одговороност од Весна Јаневска
- Одговорност со итна смена на директори кои криеле, не реагирале навреме и игнорирале насилство,
Неспособноста не смее да се наградува со функции, а молчењето и прикривањето да не бидат пракса во образовниот систем.
- Вонреден инспекциски надзор во училиштата и ученичките домови со ревизија на сите училишни безбедносни протоколи
Да се утврди кои училишта имаат само формални процедури „на хартија“, без реална примена. Државата мора да провери каде потфрлил системот перед да се случи нов сериозен инцидент.
- Годишен извештај за безбедноста во училиштата.
Министерството за образование јавно да објавува податоци за булинг, насилство и преземени мерки, со цел целосна транспарентност и отчетност.“
Дополнително, партиската комисија понуди пакет од 10 итни мерки кои вклучуваат воведување на унифицирани безбедносни протоколи, итно вработување на психолози и педагози каде што недостигаат, како и формирање национален кризен штаб за безбедност во образованието.
Од партијата порачаа дека власта треба веднаш да ги спроведе овие решенија без разлика на политичката заднина, бидејќи најважна е безбедноста на децата.
„Слободно нека ги прифатат, па дури и нека ги претстават како свои, ако тоа значи дека конечно ќе се спроведат и ќе дадат резултат. Важно е само едно – да се заштитат децата, затоа што тие не смеат да бидат жртви на систем кој не нуди решенија и не презема одговорност“, се заклучува во партиското соопштение.


