Кои се главните „женски“ професии во ЕУ?

Дури 92,6 отсто од вработените негувателки на деца и помошен наставен персонал во ЕУ во третиот квартал од 2023 година биле жени, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат.

По ова следуваат секретарите од кои 89,3 проценти биле жени, наставниците во основните училишта и предучилишното образование со 88,2 отсто, медицински и акушерски техничари со 87,5 и хигиеничари во домаќинствата, хотелско-угостителските објекти и канцелариите со 86,5 проценти.

Од друга страна, како што јави дописникот на МИА од Брисел, жените со само 11,1 отсто биле најмалку застапени меѓу занаетчиите, по што следуваат работниците на машини од кои само 17,9 проценти биле припаднички на женскиот пол.

Како станува збор за техничкиот стручен кадар, тука жените и мажите биле подеднакво застапени со по 50 проценти, додека кај менаџерите учеството на жените е 34,7 проценти.

Гледано по гранки, жените биле најзастапени во секторот за поддршка со 65,8 отсто, по што следуваат услугите и трговијата со 63,5 проценти и образованието и науката со 54,3 отсто.

Инаку, од вкупниот број вработени во ЕУ во третиот лански квартал, 46,5 проценти биле жени, а 53,5 отсто мажи.

05.03.2024 - 22:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега