Андоновски: Наследивме „разрушен систем“, но Македонија започна дигитална трансформација со 120 нови услуги
Во вчерашната емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, гостуваше министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. По повод една година од новата Влада, тој говореше за почетоците и предизвиците со кои како Влада се соочиле во првата година од мандатот.
„Наследивме една тешка ситуација. Многу потешка од тоа што навидум вака изгледаше. Еден разрушен систем во кој никој немаше никаква доверба, систем кој беше разјаден од внатре и каде и да отворите, која страна да ја отворите од тој систем, покажуваше системски недостатоци кои долго време биле ставани на страна“, истакна Андоновски.
Според Андоновски, во секоја пора на општеството, односно институциите и министерствата, кога мислите дека сте почнале веќе да ја опоравувате ситуацијата, се отворало нов проблем кој бил запоставуван од минатата власт. Потенцираше дека Владата не почнала од нула, туку од минус.
Во однос на стратешките договори, Андоновски појасни дека договорот со Обединетото Кралство, не е договор во којшто како порано се плаќаат 300-400 милиони евра авансно, а на дело да нема реализација. Овој договор пред се е стратешки, а после тоа и економски.
„Практично тој е договор за стратешка соработка помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, којшто значи проектни инвестиции во државата и се наброени петте области во којшто ќе има инвестиции. Дел од тие инвестиции се и сајбер безбедноста'', појасни Андоновски и додаде. „Во договорот се вели дека Обединетото Кралство како наш партнер, ни ги отвораат вратите за овие пет области. И во тие пет области заедно можеме преку технички дијалог да изградиме што е потребно за државата'', дециден е Андоновски.
Министерот во своето гостување, се осврна и на својот домен во делот на дигитализација, кадешто истакна дека се преземени сериозни чекори во оваа една година „Мислам дека доживуваме сериозни промени во поглед на дигитализацијата, 120 нови дигитални услуги и сите услуги од типот на потврда за неосудуваност, казнена, кривична и прекршочна евиденција се достапни на националниот портал, изводот од матична книга на родени исто така го имате електронски, уверението за државјанство е достапно електронски. Со промени на законодавството тие документи ако ги извадите дома и ги испечатите може да ги користите во правниот промет'', соопшти Андоновски.
Тој рече дека е свесен за граѓаните дека сакаат се да се случи брзо и веднаш, но дека овие чекори кои можеби се мали, сепак се големи за развивање во делот на дигиталната трансформација, и истите значат помалку чекање во редови, помалку врски и барање мито.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа