По повод празникот 11 Октомври и продолжениот викенд, кога се очекува зголемен сообраќај на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упати апел до граѓаните да возат внимателно и да ги почитуваат сообраќајните правила.
Од Советот предупредуваат дека за време на продолжените викенди се зголемува бројот на патувања, а со тоа и ризикот од сообраќајни незгоди. Затоа, апелираат секое патување да започне со добра подготовка и одговорно однесување зад воланот.
„Безбедноста не смее да биде оставена на случајноста“, порачуваат од РСБСП, потсетувајќи дека брзањето и невниманието можат да имаат сериозни последици.
Возачите се повикуваат да ја приспособат брзината на условите на патот, да не управуваат возило под дејство на алкохол или други психоактивни супстанции и да не користат мобилни телефони додека возат. Од Советот потсетуваат и на задолжителното користење сигурносен појас, како и на правилното обезбедување на децата во соодветни детски седишта.
Посебен акцент се става на одржувањето безбедно растојание, избегнувањето ризични престигнувања и проверката на техничката исправност на возилото пред подолг пат. На возачите што чувствуваат замор им се препорачува да направат пауза и да продолжат со патувањето дури откако ќе се одморат.
Апелот се однесува и на пешаците, велосипедистите и мотоциклистите, кои треба да бидат внимателни и да ги почитуваат сообраќајните правила, особено при движење покрај коловозот и преминување на улиците.
„Неколку минути порано на крајната дестинација никогаш не се поважни од човечкиот живот“, нагласуваат од РСБСП.
Од Советот порачуваат продолжениот викенд да помине во празнична атмосфера, дружење и безбедни патувања, без непотребни ризици и сообраќајни несреќи.

