Кинеската компанија Xpeng Aridge (до неодамна Xpeng AeroHT), подружница на производителот на електрични автомобили Xpeng, на 3 ноември ја објави почетокот на работата на првиот објект во светот наменет за масовно производство на летачки автомобили.

Фабриката, лоцирана во Гуангжу, е дизајнирана за максимален капацитет од 10.000 машини годишно, а првично ќе произведува пет илјади машини.

Првото летачко такси кое влегува во масовно производство е модуларниот систем наречен „Копнен носач на авиони“ (LAC).

Овој сет се состои од два дела:

  1. Копнен модул: Футуристичко комбе со шест електрични тркала, долго пет и пол метри, кое може да се вози и паркира како обичен автомобил.
  2. Воздушен модул: Компактен и лесен хексакоптер дрон со две седишта, изработен од јаглеродни влакна. Овој модул овозможува вертикално полетување и слетување (VTOL), крстарење до 500 метри надморска височина и може да се контролира рачно или целосно автономно.

Воздушниот модул се полни и транспортира во комбето, од каде што може да се истовари со притискање на копче на паметен телефон. Цената на целата машина од два дела моментално изнесува околу 275.000 долари, а компанијата веќе има околу 7.000 нарачки.

И покрај технолошкиот успех, експертите посочуваат дека најголемите предизвици што претстојат се правните и регулаторните. Неопходно е да се воспостават технички и безбедносни стандарди за авионите, нивното одржување, станиците („хелиодроми“) и воздушни коридори, како и прашањето за правна одговорност при несреќи, особено кај роботизираните летови.

Xpeng Aridge, која покрај LAC го најави и помоќниот модел А868 со дострел од 500 км за шест патници, верува дека масовното производство е првиот важен чекор кон револуција во транспортот.

Exit mobile version