Украинскиот претседател Володимир Зеленски подготвува цврст ултиматум за следната рунда мировни преговори со Русија – Украина нема да се откаже од ниту еден дел од својата територија. Ова го изјави главниот украински преговарач Андриј Јермак во интервју за списанието „Атлантик“, нагласувајќи дека Зеленски „нема да потпише ниеден договор што подразбира територијални отстапки“. Според него, украинскиот Устав го забранува таков потег, а „никој не може да оди против украинскиот народ“.
Украинската страна побарала итна средба со американскиот претседател Доналд Трамп, но тој најпрво го испрати својот пратеник Стив Виткоф во Москва за разговори со Кремљ околу ревидираните услови.
Руската страна, преку министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, соопшти дека нема да се повлече од своите барања, меѓу кои се и територијалните претензии кон Донецк и делови од југоистокот на Украина.
Последниот директен разговор меѓу Трамп и Путин се одржа во август во Алјаска, а планираната средба во Будимпешта во октомври пропадна поради непопустливиот став на Лавров на подготвителните разговори со Марко Рубио.
Мировниот процес повторно се активираше во месецов, во време кога рејтингот на Зеленски е под притисок поради голем корупциски скандал. Националното биро за борба против корупција откри случаи на изнудување и перење пари од околу 100 милиони долари, во кои се вмешани владини функционери и поранешен бизнис-партнер на Зеленски.

